Научни ресурси

Ако сакате да се впуштите во науката зад пандемијата COVID-19, ова е местото каде сумираме интересни научни трудови кои може да ги прегледате.

512x512bb

5 мај 2020 – Pеференца

Период на инкубација на коронавирусна болест 2019 (COVID-19) кај јавно пријавени потврдени случаи : процена и примена

Периодот помеѓу инфицирање со SARS-CoV-2 и појава на првите симптоми (период на инкубација) има битно влијание врз планирањето активности за надзор и контрола на епидемијата. Оваа студија била спроведена на 181 потврден случај на SARS-CoV-2, сите лоцирани надвор од провинцијата Hubei, Кина. Целта била да се процени периодот на инкубација за SARS-CoV-2. Авторите процениле дека просечниот период на инкубација е 5,1 ден, а 97,5% од заразените лица развиваат симптоми во рок од 11,5 дена. Може да се каже дека инкубациониот период на SARS-CoV-2 е сличен со оној на другите човечки коронавируси. Студијата проценува дека 99% од оние изложени на вирусот ќе развијат симптоми во време до 14-тиот ден, што всушност ја поддржува препораката за 14 дневен карантин.

New-England-Journal-of-Medicine

16 април 2020 – Референца

Аеросоли и стабилност на површини на SARS-Cov-2 во споредба во SARS-CoV

Со цел да дознаат колку долго вирусот кој предизвикува COVID-19 преживува на површини, група истражувачи спровеле студија споредувајќи го преживувањето на два многу слични вируси, SARS-CoV-2 (предизвикува COVID-19) и SARS-CoV (предизвикува SARS) во различни услови или површини (аеросоли, пластика, не’рѓосувачки челик, бакар и картон). Докажале дека SARS-CoV-2 преживува 3 часа во аеросоли, 4 часа на бакарна површина, 24 часа на картон и повеќе од 72 часа на пластика и не’рѓосувачки челик, што било многу слично со SARS-CoV. Овие откритија ја потврдуваат важноста на честото миење на рацете, дезинфекција на површините и навремено дејствување од страна на заразените лица, како што e изолација и носење маски. Авторите заклучиле дека повисоката стапка на ширење на SARS-CoV-2 во споредба со SARS-CoV веројатно произлегува од повисокото присуство на овој вирус во горнитe дишни патишта. Дополнително, тоа може да се должи на можноста новиот вирус да го пренесуваат асимптоматски луѓе и на „супер ширењето“ од поединечни лица и настани (на пр. престој во болница, јавни настани).

jama-logo

6 април 2020 – Pеференца

Основни карактеристики и исходи кај 1591 пациент заразени со SARS-CoV-2 примени на ICU од регионот на Ломбардија, Италија

Ова е една од најголемите студии кои објавиле податоци за критично болни пациенти со лабораториски потврдена инфекција SARS-CoV-2. Вклучува 1591 пациенти примени во одделите за интензивна нега во Ломбардија, Италија, од 20 февруари до 18 март 2020 година. Просечната возраст била 63 години, мнозинството (82%) биле мажи. Од сите пациенти на кои им била потребна интензивна нега, мнозинството имале најмалку една хронична болест (68%), претежно хипертензија (49%), кардио-васкуларна болест (21%), покачен холестерол (18%) и дијабетес тип 2 (17%). Практично сите пациенти (99%) имале потреба од респиратор. Вкупната смртност на пациенти од Одделот за интензивна нега бил 26%. Постарите пациенти (≥64 години) имале поголема смртност (36%) во споредба со помладите (≤63 години) (15%).

White-on-navy--tojpeg_1495792347019_x1

30 март 2020 – Pеференца 

Проценка на бројот на инфекции и влијанието од нефармацевтските интервенции на COVID-19 во 11 европски земји

Со цел да го забават ширењето на COVID-19, многу европски земји спроведоа нефармацевтски интервенции ( на пр. изолирање на заразените, затворање на училиштата и универзитетите, забрана за јавни собири и др.). Авторите се обиделе да го предвидат влијанието од спроведените интервенции во 11 европски земји. Тие процениле дека до 28 март ќе бидат заразени од 7 до 43 милиони лица  што претставува 1.88%-11.43% од населението, а со помош на воведените мерки, до 31 март ќе се избегне смрт на 59.000 лица. Според презентираните податоци, од пресудно значење е да останат тековните мерки на сила и внимателно да се следат трендовите во следните денови и недели.

New-England-Journal-of-Medicine

30 март 2020 – Pеференца 

Развивање на вакцини против COVID-19 со пандемиска брзина

Историски гледано, вакцината против H1N1 беше развиена брзо, додека епидемиите на SARS и Zika завршија пред да се комплетира развојот на вакцините.Нивото на пандемија и ширење на SARS-CoV-2 ја нагласува потребата од подобрување на процесот на развој на вакцините, а главните прашања поврзани со тоа се опфатени во оваа статија. Во моментов не постои консензус за тоа кој имуноген е соодветен таргет и нема добри животински модели за тестирање на вакцината. Во тек на пандемијата, тешко е да се определи каде да се спроведат клинички испитувања. Постои огромна загриженост за негативните ефекти, како и за ефикасноста, времетраењето на имунитетот и / или дозата. Покрај тоа, кога смртноста е голема, рандомизацијата е многу тешка, а производството би требало да се зголеми до ниво на комерцијална продажба уште пред да бидат достапни важни податоци за безбедноста и имуногеноста (способноста да предизвика имунски одговор) на вакцината. 

jamacardiol

27 март 2020 –  Pеференца  

Кардиоваскуларни импликации на фатални исходи кај пациенти со коронавирусна болест (COVID-19)

Оваа научна објава ја истакнува важноста на кардиоваскуларните заболувања (КВБ), нивните компликации и влијание во сериозноста и морталитетот на COVID-19. Тропонин Т (ТнТ) е протеин во мускулите, а срцевиот специфичен ТнТ кога се наоѓа во крвта е знак на акутно оштетување на миокардот и се користи како лабораториска потврда на срцев удар. Во оваа студија, кај 187 пациенти со COVID-19, 27,8% имале повисоко ниво ТнТ и имале значително поголема смртност во споредба со пациентите со нормално ниво на ТнТ (59,6% наспроти 8,9%). Тие се разликувале во функцијата на органите, параметрите на крвта, воспалението и потребата од глукокортикоидна терапија и механичка вентилација. Кај пациентите со присутна КВБ е поголема веројатноста да развијат повисоки нивоа на TнT во споредба со пациентите без КВБ (54,5% наспроти 13,2%). Иако постојат одредени ограничувања на оваа студија, како ограничен број испитаници и нивно ограничено понатамошно следење,сепак сугерира дека биомаркерите, како што е TнT, би можеле да бидат корисни за проценка на ризик и евентуална рана и поагресивна интервенција на COVID-19 пациенти со присутна КВБ.

the-lancet-logo_small

25 март 2020 – Референца

Ефектот на контролните стратегии за намалено социјалното дружење врз резултатите од епидемијата COVID-19 во Вухан, Кина: студија за моделирање

За да се забави ширењето на новиот SARS-CoV-2 вирус, во декември 2019 година во Вухан (Кина) биле спроведени строги мерки на социјално дистанцирање. Користејќи математичко моделирање за да симулираат епидемија, авторите го испитувале можниот ефект на контролните мерки врз ширењето на вирусот во Вухан. Нивните резултати посочуваат дека мерките што спречуваат социјално мешање, како што се затворање на училишта и работни места, ќе го забават ширењето на вирусот и ќе го намалат епидемискиот врв. Авторите сугерираат дека е потребно одложување на попуштањето на мерките до април 2020 година, со цел да се зголеми нивниот ефект и да се намали притисокот врз здравствениот систем.

20 март 2020 –  Pеференца  

СОVID-19 и пушење: Систематски преглед на доказите

Претходните истражувања покажале дека пушачите, во споредба со оние кои не се пушачи, имаат двојно поголема веројатност да заболат од грип, да имаат потешки симптоми, како и поголема смртност од MERS (друга болест предизвикана од коронавирус). Оваа студија известува за наодите од пациенти хоспитализирани за инфекција со COVID-19 во Кина. Заклучиле дека сегашните и поранешните пушачи развиваат полоши респираторни симптоми и имаат потежок облик на болеста COVID-19, имајќи почесто потреба од интензивна нега. Не е јасно дали имаат поголем ризик од умирање. Оваа студија не нуди одговор на прашањето дали пушачите се посклони кон заболувањето и дали се често асимптоматски преносители.

Nature-Medicine-Logo-300x150

17 март 2020 –  Pеференца 

Потекло на SARS-CoV-2

Одредување на потеклото на вирусот SARS-CoV-2 е важно од повеќе причини, особено за спречување на идни инфекции. Овој труд ги сумира моменталните познавања на оваа тема и открива дека геномските карактеристики на SARS-CoV-2 укажуваат на негово животинско потекло. Тековните докази сугерираат дека најверојатно пренесувачи се лилјаците. Постојат две можни сценарија за неговото појавување: (1) вирусот во животинскиот домаќин мутирал така, да може да се пренесе на луѓето и да ги зарази, или (2) матичниот вирус кој веќе се пренесувал на луѓето асимптоматски, мутирал да може да предизвика симптоми на COVID -19. Авторите исто така потенцираат дека нема индикации за лабораториско потекло на вирусот.

society-members

9 март 2020 – Pеференца 

Антивирусна активност ин витро и проекција на оптимално дозирање на хидроксихлорокин при третман на сериозен акутен респираторен синдром коронавирус 2 (SARS-CoV-2) 

До денес, нема клинички докази кои би ја поддржале употребата на лекови во третманот на COVID-19. Во лабораториски услови, употребата на хидроксихлорокин сулфат (400 mg даден двапати на ден првиот ден, проследено со 200 mg двапати на ден во наредните 4 дена) покажала подобра антиSARS-CoV-2 активност ин витро и подобра толеранција во споредба со хлорокин. Хлорокин е широко користен лек со имуномодулаторни ефекти (т.е. способност за промена на имунолошкиот одговор),се користи против маларија е предложен лек за третман на COVID-19. Според горенаведените факти,  хидроксихлорокин може да биде кандидат за терапија на COVID-19, меѓутоа пред да може да се користи широко, неопходна е добро дефинирана рандомизирана клиничка студија на луѓе за да се докаже неговата ефикасност и безбедност.

the-lancet-logo_small

9 март 2020 – Pеференца 

Како мерките за ублажување на земјата влијаат врз текот на епидемијата COVID-19?

Додека сè уште учиме за COVID-19, познатите епидемиолошки карактеристики укажуваат на потребата од итни мерки за ублажување и контрола на ширењето на вирусот. Споредено со грипот А, COVID-19 има повисока стапка на смртност, подолг период на инкубација и заразни периоди и има голем број асимптоматски или благи случаи. Покрај тоа, далеку сме 12-18 месеци од производство на вакцини. Тековните мерки вклучуваат карантин, социјално дистанцирање од широки размери, изолација на заразени места / популации. Овие мерки би требало да ја ублажат епидемиската крива за се овозможи време за производство на вакцини. Надлежните лица и политичари се соочуваат со повеќе предизвици истовремено, како намалување на морбидитетот (степен на заболеност во популацијата) и спречување на негативните ефекти од мерките врз економијата, особено затоа што е можен повторен епидемиски врв доколку мерките се релаксираат прерано.

the-lancet-logo

24 февруари 2020 – Pеференца 

Клинички тек и исход кај критично болни пациенти со SARS-CoV-2 пневмонија во Вухан, Кина

Ова е едноцентрична, ретроспективна, набљудувачка студија во која се опишани клиничкиот тек и исходот кај 52 критично болни возрасни пациенти со SARS-CoV-2 пневмонија, хоспитализирани на одделот за интензивна нега во болницата во Вухан во период од крај на декември 2019 год. до 26 јануари 2020 година. Кај  67% од пациентите се јавил Акутен респираторен дистрес синдром (ARDS), а 71% од пациентите имале потреба од механичка вентилација. Во рок од 28 дена починале 32 пациенти (62%) кои, во споредба со преживеаните, биле постари и со поголема веројатност за развој на ARDS и потреба од механичка вентилација. 

24 февруари 2020 – Pеференца

Новиот коронавирус кај пациенти со пневмонија во Кина, 2019

Ова е важна објава во која се презентирани првите проценки за распределбата на тежината на COVID-19.Од 72.314 случаи во Кина, 62% биле потврдени со тестови од брис од  грло, од кои 81% имале  благ облик, 14% тешко заболени и 5% биле критични.
Вкупниот процент на смртни случаи меѓу заболените бил 2,3%, достигнал  8% кај 70 до 79 години и дури 14,8% кај 80-годишна возраст и постари. Лицата со хронични заболувања имале и поголем процент на смртни случаи —10,5% кај лица со кардиоваскуларни заболувања, 7,3% за дијабетес, 6,3% за хронични респираторни заболувања, 6,0% за хипертензија и 5,6% за лица болни од рак. Од потврдените случаи, 3,8% биле здравствени работници.

New-England-Journal-of-Medicine

20 февруари 2020 – Pеференца

Новиот коронавирус кај пациенти со пневмонија во Кина, 2019

Ова е прва научна објава која известува за изолацијата на вирусот и дава првичен опис на неговите специфични ефекти и морфологија. Авторите изолирале патоген од тројца хоспитализирани пациенти со тешка пневмонија во градот Вухан, Кина.  Тие дизајнирале неколку специфични и чувствителни тестови насочени кон одредени делови од геномот за да ја детектираат вирусната РНК во клиничките примероци. Вирусот спаѓа во родот бетакоронавируси, кој вклучува коронавируси откриени кај луѓето и лилјаците (SARS-CoV-2). Предизвикува заболување кое се нарекува “нова пневмонија последица од зараза со коронавирус” (NCIP подоцна преименувана во COVID-19). Деталите за структурата на вирусот биле веднаш споделени во Светската здравствена организација.